Ракетирана резиденцијата на ирачкиот премиер

Ирачкиот премир Мустафа ал-Казими бил пренесен во болница ноќта кон неделата со незначителни повреди по ракетирањето на неговата резиденција во главниот град Багдад, објави телевизискиот канал Al Arabiya.

Според дописникот на телевизијата, нападот бил изведен со беспилотно летало со експлозивна направа, а ирачкиот премиер бил полесно повредени „откако дрон стрелал врз резиденцијата и истрелал проектил“. Според сознанијата на Al Arabiya, дронот бил пресретнат и соборен.

Претходно агенциите AFP и Associated Press, повикувајќи се на извори од безбедносните структури, објавија, исто така, дека е ракетирана резиденцијата на ирачкиот премиер, но дека Мустафа ал-Казими не настрадал.

И порталот Arab News извести за напад изведен со дрон, и според неговите информации има повредени.

Ал-Кадими набрзо по нападот се огласи на Twitter и порача дека е добро и повика на смиреност и воздржаност на јавноста.

„Ракетите на предавството нема да ги обесхрабрат верувачките… Упорноста и истрајноста на нашите херојски безбедносни сили нама да попуштат додека работат на безбедноста на народот, постигнување првада и спроведување на законите“, порача премиерот ал-Казими.

„Добро сум, благодарејќи му на Бога, меѓу мојот народ и повикувам на смиреност и воздржаност од сите, заради Ирак“, додаде ал-Казими.

Резиденцијата на премиерот на Ирак е сместена во добро обезбедуваната ткн Зелена зона на Багдад, во кој се наоѓаат странските дипломатски мисии, како и претставништва на меѓународни корпорации и организации.

Во официјалното соопштение на ирачката влада, пак, се наведува дека премиерот ал-Кадими не е повреден во обидот за атентат врз него со помош на дрон, се вели дека се чувствува добро по инцидентот, во кој се повредени најмалку пет лица.

Засега ниедна радикална групација која повремено изведува терористички напади во Ирак не ја презема одговорноста за нападот врз премиерската резиденција.

Претходно во саботата, приврзаниците на проиранската шиитска милиција Хашед ал-Шааби мирно протестираа пред еден од влезовите во Зелената зона, демонстрирајќи против резултатите од минатомесечните избори, еден ден откако демонстрант беше убиен во судирите со безбедносните сили.

Ал-Казими претходно во петокот нареди формирање истражна комисија којашто ќе ги истражува судирите меѓу ирачките безбедносни сили и поддржувачите на партиите кои ги испоруваат резултатите до предвремените општи избори во октомври.

На изборите кои имаше рекордно низок од одѕив на гласачите од 41 отсто на ниво на целата земја, победи партијата на влијателниот ирачки шиитски клерик Муктада ал-Садр со најголем број пратенички места, по што следеше блокот Такадум (Напредок) на претседателот на парламентот Мохамед ал-Халбуси на второто место и блокот „Држава на правото“ предводен од поранешниот премиер, Нури ал-Малики, на третото место но втора по големина шиитска партија.