Данците во полуфиналето ја победија Словенија со 31:30, додека Германците ја победија Шпанија со 25:24.
Данска водеше од првата до последната минута, во некои моменти и со шест голови разлика, но Словенија полека ја намалуваше негативата и на минута до крајот дојде до заостанување 30:31. Во следниот напад, Данците изборија седмерец кој Микаел Хансен не го реализираше, а Словенија доби 15 секунди за да се избори за продолжение. Алекс Влах беше сопрен со прекршок, Словенците бараа седмерец но судиите досудија девет метри од кои Борут Мачковшек не успеа да постигне гол со истекот на времето.
Данска до победата ја предводеше Магнус Ландин Јакобсен со шест и Лукас Јоргенсен и Микел Хансен со по пет гола, а кај словенечката страна најефикасни беа Алекса Влах и Дин Бомбач со по седум гола.
Данска досега само еднаш има освоено олимписко злато, во 2016 година во Рио де Жанеиро, додека во Токио беше втора.
Во првото полуфинале Германија ја победи Шпанија со 25:24 (12;12). И ова беше одличен натпревар во кој Германија славеше предвоена од фантастичниот голман Андреас Волф, кој собра дури 22 одбрани со 49 отсто одбранети удари.
За Германија, која загуби само еден натпревар на патот до финалето, од Хрватска во групната фаза, ова ќе биде четврто олимписко финале , а досега славеше само еднаш во далечната 1936 година на домашен терен и со сосема други правила.
Германија одлично влезе во натпреварот, поведе со 3:0, но Шпанија се врати и израмни на 6:6. Во 18. минута Германија ги имаше најголемите плус 4 (10:6), но Шпанците уште еднаш се вратија и на пауза заминаа со 12:12.
Во вториот дел Германија во неколку наврати имаше и три гола предност (17:14, 19:16), но Шпанците не се предадоа и во 47. минута стигнаа до ново израмнување (20:20). Беше изедначено (22:22) во последните 10 минути од натпреварот, а во 51. минута Шпанија го оствари првото водство на натпреварот (23:22).
Шпанците имаа неколку напади за плус 2, но фантастичниот Андреас Волф ги одржуваше Германците во живот и беше клучниот играч во пресвртот од минус еден (23:24) на плус еден (25:24) на три минути до крајот. Следеа неколку промашувања на двете страни, а Шпанија имаше 30 секунди за израмнување, но не успеа.
Во германските редови најефикасен беше Ренарс Ушинс со шест, а Јоханес Спает и Јури Нор со по четири гола покрај веќе споменатиот Волф. На спротивната страна најефикасни беа Даниел Фернандез со пет гола, а Иан Тарафета и Агустин Касадо со по четири гола.
Натпреварот за бронза се игра в недела од 9 часот, а финалето Германија – Данска од 13 часот и 30 минути.