Европскиот и македонски ракометен првак Вардар денеска го игра првиот натпревар во рамките на „Супер глоуб“ во Доха, неофицијалното светско клупско првенство.
„Црвено-црните“ за противник го имаат тимот од Иран, Гашаран. Оваа екипа е непозната за европскиот ракомет, а на турнирот настапува како преставник на Азија.
„Ќе мора многу да се потрудиме за да победиме, особено што сега сите ќе сакаат триумф над Вардар, кој е европски првак. Добро работевме последните денови сите се здрави и во полн состав го очекуваме ова натпреварување“, изјави пред заминувањето за Доха тренерот на Вардар, Раул Гонзалез.
Почетокот на дуелот е во 14 часот, а пред овој натпревар ќе играат Барселона и Есперансе од Тунис. Победниците од овие два натпревара утре ќе играат во полуфиналето.
Другите две четвртфинали двојки се Берлин (актуелен шампион) – Пинеирос (Бразил) и Ал Сад (Катар) – Сиднеј (Австралија).
Европскиот и македонски ракометен првак Вардар во новата сезона во своите редови ќе има едно интернационално засилување, Данис Криштопанс, како и играчите од втор тим, Даниел Ѓорѓевски, Тоше Ончев, Мартин Поповски и Марко Кизи, Гонзалес сака да им даде шанса и на овие ракометари да се борат за место во првиот тим на турнирот во Доха.