Ракометарите почнаа со подготовки за баражот со Романија

Македонската ракометна репрезентација денеска почна со подготовките за бараж натпреварите за СП против Романија, а првиот меч се игра во Скопје во недела. Иако Македонија важи за фаворит, за селекторот Раул Гонзалес не е важно кој каков е и вели дека ги почитува играчите на Романија, кои знаат да играат ракомет.

Не е важно кој е фаворит. Играчите на Романија имаат ниво, а некои од нив играат во едни од најдобрите клубови во Европа. Знаат да играат ракомет, високи се, големи и имаат сила. Треба да видиме во каква состојба сме ние. Важно е да сме здрави и јас верувам дека ќе се подготвиме, изјави Раул на денешниот прв собир.

Според него, тој од нашите ракометари кои играат во Романија добил информации за романската селекција, која ја предводи неговиот сонародник, Чави Пасквал, но и Романците знаат како игра Македонија.

Ние нив ги познаваме помалку или повеќе, но тие за нас знаат како играме. Имаме време цела недела да се подготвиме и да работиме комплетни, утре ќе се приклучат Талески и Миркуловски. Нѐ очекува важен меч, зашто сакаме да играме на Светско првенство, а ќе биде тешко бидејќи вториот натпревар се игра таму, вели Раул.

Репрезентацијата ќе тренира во „Борис Трајковски“, двапати дневно, а в недела, 10 јуни е закажан натпреварот. Веднаш потоа се патува за Клуж, каде што ќе ѝ гостуваме на Романија.

Овој бараж за нас ќе има круцијална важност и мислам дека имаме доволно време да се подготвиме за него, шест дена, тоа е доволно. Најважно е да бидеме здрави. Крај на сезона е, па кај сите постои некој умор, што физички, што ментален, меѓутоа ние си ја знаеме нашата работа. Треба да се пласираме на СП коешто ќе носи квалификации за Олимписки игри во 2020. Треба да се поставиме многу професионално и сериозно да ја одработиме задачата. Нема да биде лесна, вели Лазаров.