Ракометарките на песок се изборија за гаѓички

Ракометарките на песок, кои досега мораа да настапуваат во тесните припиени бикини, сега можат да носат куси спортски гаѓички откако Меѓународната ракометна федерација (IHF) на почетокот од октомври започна со промената на прописите, кои сепак бараат гаѓичките да бидат „потесни“ од оние коишто ги носат мажите.

„Натпреварувачките мора да носат тесни куси гаѓички, а за горниот дел на телото задолжителна е припиена маичка или топ без ракави“ се наведува во прописите на IHF, додека нивните машки колеги можат да носат куси гаѓички „десет сантиметри над колената“ под услов да „не се прешироки“.

Спортската опрема коај сега е пропишана за жените е речиси идентична со онаа со којашто норвешките ракометарки ја носеа во јули годинава, кога беа казнети поради напуштањето на бикините, кои тогаш ги бараа прописите на IHF, во текот на мечот против Шпанија за бронзениот медал на Европското првенство.

Дисциплинската комисија на Европската ракометна федерација (EHF) ја казни норвешката репрезентација со 1.500 евра, што предизвика жестока реакција во норвешките спортски кругови и меѓу коментаторите, кои повикаа на промена на прописите за опремата.

Прашањето за спортската опрема со години ги бранува спортовите на плажа, каде што играчките ги сметаат бикините понижувачки или непрактични. Од 2012 година одбојкарките на песок повеќе не мора да ги носат.

Првпат промовиран во Италија во 1990 година, ракометот на песок сѐ уште е експериментален и промотивен спорт, за разлика од одбојката на песок којашто во меѓувреме стана олимписки спорт.