Ракометниот клуб Прилеп пред почетокот на годинава доби четри нови засилувања а од клубот велат дека нивните амбиции за оваа година се да создадат конкурентен и квалитетен тим, да се вложи во младите категории, младинските и кадетските и да се добијат добри играчи.
Главна цел на РК Прилеп, чиишто нови играчи и раковдството во средата се сретнаа со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, е палсманот во плеј-офот во домашното првенство.
„Сакам да искажам голема благодарност до нашите поддржувачи Општина Прилеп, Мермерниот комбинат, Витаминка, конфекција Кули и други. Нашите амбиции за оваа година се да создадеме конкурентен и квалитетен тим, да вложиме во младите категории, младинските и кадетските, да се добијат добри играчи и да се носиме со екипи како Охрид, Работник, Пелистер …. да има квалитетни натпревари и во ова прилика ги поканувам сите љубители на ракометот од Прилеп да бидат малку поактивни и да не посетуваат на секој натпревар, истакна Ице Чолаков, спортски директор во РК Прилеп.
Новите играчи велат дека иако се тука малку време се чувствуваат како дома, им се допаѓало како функционира самиот клуб и велат дека ќе дадат се од себе за да РК Прилеп влезе во плеј офот.
„Го прифатив повикот на РК Прилеп да дојдам тука како засилување на нивните редови. Клубот е многу сериозен, доста се работи, не сум многу тука но, можам да кажам дека засега немам никаква забелешка. Сите ме прифатија како да сум цел живот со нив. Клубот има големи амбиции, исто ми се допаѓа и градот Прилеп, ме почитуваат луѓето и мислам со работа можеме да дојдеме до плеј-офот“, кажа Петар Шаин, засилувањето од соседна Србија.
„По потекло сум од Струга, имам настапувано во повеќе клубови во македонската Супер лига. Последно настапував за Пелистер, потоа бев слободен играч. Добив покана од РК Прилеп, најдовме заеднички јазик и договор и се надевам дека ќе соработуваме успешно и ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плеј офот“, рече Константин Вешоски, исто така нов играч на прилепчани..
Градоначалникот Ристески им посака големи успеси оваа сезона и потенцираше дека локалната самоуправа и понатаму ќе биде еден од главните спонзори и поддржувачи на РК Прилеп и воопшто на целиот спорт во Општината.
„Денеска во Општина Прилеп беа присутни новите засилувања на на РК Прилеп, задоволство е што клубот во овој преоден период за новата сезона се засили со 4 нови играчи. Костурот на екипата е претежно со играчи од Прилеп, што значи прилепскиот ракомет има добра иднина, а тоа укажува на доброто и домаќинско работење во клубот и продуцирање на млади кадри кои во иднина треба да бидат носечки во овој клуб. Мислам дека љубителите на ракометот ќе уживаат во оваа сезона со добри утакмици, а ние како локална самоуправа и понатаму остануваме едни од главните спонзори на РК Прилеп заедно со неколкуте други приватни компании. Нашата цел беше да се вратат повторно на сцена оние два големи спорта – ракометот и фудбалот во Прилеп, и мислам постепено го постигнуваме тоа. А оваа година со добри игри може да влеземе и во плеј-офот“, изјави за новинарите Марјан Ристески по средбата со ракометарите.