Ракописи на генералот де Гол на аукција

Ракописи на генералот Шарл де Гол ќе бидат понудени на продажба на наддавање во Париз на 16. декември, објави во аукциската куќа Artcurial, која во јуни ќе организира и изложба на текстот на неговиот повик до францускиот народ на борба против нацистите од 1940 година.

Продажбата е организирана на иницијатива на неговото семејство, а дел од профитот ќе биде уплатен на Фондацијата Ан де Гол за лица со посебни потреби, објави аукциската куќа.

„Речиси сите ракописи и писма се веќе подредени во 13 тома под наслов ‘Lettres, notes et carnets’ (Писма, белешки и нотеси) во издание на „Plon“ (1980-1997)“, се вели во соопштението.

Меѓу повеќе од 350 примероци што ќе бидат понудени на аукцијата, Artcurial го истакнува ракописот на неговата прва книга „La Discorde chez l’ennemi“ од 1924 година. Се проценува на 50.000 до 60.000 евра.

На продажба е и фикцијата што ја напишал на 14-годишна возраст, многу пред Првата светска војна, наречена „Campagne d’Allemagne“, дело во кое фантазира за ослободување на Франција од инвазија, а проценетата цена е од 10.000 до 15.000 евра.

Се продава и новелата „Zalaïna“ (1908), чие дејствие е сместено во Нова Каледонија, за 4.000 до 5.000 евра.

Писмото што генералот ѝ го испратил на сопругата Ивон во кое ги опишува борбите во мај 1940 година се проценува на 7.000 до 8.000 евра.

Часовникот „Lip“ што го носел во периодот кога беше претседател во 1960-те е проценет на 6.000 до 10.000 евра.

Продажбата е придружена со изложба во Artcurial, на Елисејските полиња (Шанзелизе) во Париз, на документо што гио чува неговото семејство: четири страници од ракопис кој го повикува францускиот народ на борба против нацистите, што тој го испратил преку BBC од Лондон. на 18 јуни 1940 година. Ова е првата изложба на овој документ, според Artcurial.