Раководството на кошаркарската Федерација на средба со клубовите

Раководството на Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Претседателот Перо Антиќ, Генералниот Секретар Владимир Георгиевски и Комесарот за натпреварување Лазар Гечевски, денеска одржа работен состанок со претставници од Здружението на Прволигашите односно клубовите кои имаат стекнато право за настап во Првата кошаркарска лига за сезоната 2019/2020.

Состанокот беше одржан сè со цел да се договорат и потврдат деталите околу временската рамка за почеток на Првата машка сениорска лига за претстојната сезона.

Раководството на КФСМ заедно со претставниците на клубовите од Здружението на Прволигаши разговараа на повеќе теми околу првенството, меѓу кои и подмирувањето на долговите на клубовите, откако беше искажан предлог за исплаќање на котизацијата во износ од 10.000 евра на десет рати, како и наоѓање решение за регулирање на старите долгови пред почетокот на шампионатот.

За системот за натпреварување, во новата сезона најверојатно ќе се натпреваруваат 12 екипи. Во однос на ланската сезона ќе го нема тимот на Блокотехна, нови членови се МЗТ Скопје 2 и ФМП, а согласно пропозициите последното место ќе биде понудено на третата и четвртата екипа од Втората лига (Црн Дрим и Ангели). Доколку двата тима не прифатат да станат дел од елитата, тогаш местото ќе му биде понудено на Шкупи, тимот што ланската сезона испадна од Првата лига.

Конечна одлука за прашањата ќе биде донесена на идниот состанок, закажан за седмицата што следи.