Рама: Ахмети ни одржа лекција со изборот на Џафери за премиер

Премиерот на Албанија, Еди Рама како историски настан за Албанците го истакнува изборот на Талат Џафери за премиер на Македонија, што треба да се случи утре. Тој објави фотографија со лидерот на ДУИ, Али Ахемти, истакнувајќи дека тој има заслуги за унапредувањето на статусот на Албанците.

Албанскиот премиер Еди Рама, реагираше пред утрешниот ден, кога се очекува Талат Џафери да ја преземе функцијата премиер на техничката влада во Македонија, оценувајќи го како историски момент изборот на прв премиер Албанец.

Во објава на Платформата Х оценува дека „лидерот на ДУИ, Али Ахмети, направил многу за правата на Албанците во РСМ“.

„Али Ахмети може целосно да биде критикуван внатре во државата, бидејќи право и должност е на секој што е во опозиција да бара повеќе од секој што е на власт… Но она што направи Али Ахмети за унапредување на правата на Албанците во соседната земја и нивното афирмирање како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, е историска лекција за сите нас и за генерациите што доаѓаат“, пишува тој.

 

„И гледајќи ја приложената фотографија од историски момент на патот на албанската заедница, се сетив на мудрите зборови на еден голем политичар „Момците сакаат моќта да ја препознаат другите, а мажите да прават за другите“. Ова би биле совршени зборови за оваа фотографија, наведува Рама.