![rama 1 jan](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/06/rama-1-jan.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер објави дека неговата земја е избрана за привремен член на Советот за безбедност во Обединетите нации, нарекувајќи ја добра вест.
– Добра вест. Со 175 гласови од 117 потребни, Албанија штотуку е избрана за членка на Советот за безбедност на ООН за 2022-2023 година, напиша Рама.
Веднаш реагираше евроамбасадорот во Тирана, Луиџи Сореца, кој преку објава на социјалните мрежи оцени дека ова е историски ден за Албанија.
– Историски ден за Албанија и нејзиниот народ. Честитки за изборот за член на Советот за безбедност на Обединетите нации 2022-2023! Со нетрпение очекуваме да работиме уште поблиску заедно во решавањето на глобалните проблеми, напиша Сореца.
Изборот го честиташе и амерканската амбасадорка Јури Ким, додавајќи дека САД очекуваат поблиска соработка со Албанија во регионот и светот.
– Историјата се случи. Честитки за Албанија за првпат избрана во Советот за безбедност на Обединетите нации. САД очекуваат поблиска соработка со Албанија во регионот и светот. Честитки, напиша Ким.
Албанија денеска беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН. Ова е првпат таа да биде избрана за оваа функција, 65 години по нејзиното членство во Обединетите нации.