Рама: Ќе ги отстраниме границите, Драч ќе стане косовско пристаниште

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека Косово и Албанија имаат намера да ги „отстранат границите“ и дека албанското пристаниште Драч наскоро ќе стане „косовско“.

Рама ова го изјавил на почетокот на заедничката седница на албанската и косовската влада, што се одржува во Тирана, пренесува Kosovoonine.

Тој најави дека многу бргу ќе биде потпишан договор, со кој пристаништето Драч ќе стане де факто пристаниште на Косово. „Договорот што наскоро ќе го потпишеме за да ги олесниме царинските процедури меѓу двете земји, нè води кон трансформацијата на пристаништето Драч во, де факто, пристаниште на Косово“, рече Рама.

„Нашата амбиција е да ја отстраниме границата меѓу Албанија и Косово. Верувам дека е важно министрите за внатрешни работи на двете земји да ја засилат својата работа за да овозможат контрола во граничниот премин во реално време, што ќе ни овозможи конечно да ја отвориме границата без да изгубиме ниту еден сантиметар „на фронтот против незаконските активности и против каква било форма на злоупотреба на слободата на движење“, рече Рама, пренесува „КосовоОнлајн“.

Рама исто така рече дека се договорил со косовскиот премиер Авдулах Хоти заедно да ја одбележат 150-годишнината од Призренската лига.