Албанскиот премиер Еди Рама синоќа изјави дека локалните избори одржани вчера, кои се еден од главните фактори во напорите на Албанија за започнување на преговори за членство во ЕУ, биле најслободните и фер избори во земјата досега.
Иако официјалните резултати од изборите ќе бидат објавени денеска, веќе вчера опозициската Демократска партија прогласи победа.
– Вистинското значење на овие избори, што е поважно од резултатите, се демократските вредности, кои треба да триумфираат, изјави Еди Рама.
За локалните изборни органи во Албанија на изборите се бореа кандидати на ливичарската Алијанса за европска Албанија, вклучително и Социјалистичката партија на Еди Рама и опозициската десничарска коалиција Национална алијанса за работа и достоинство, предводена од Демократската партија на Лулзим Баша, досегашниот градоначалник на Тирана.
Изборите се двоен предизвик за земјата. Од една страна тие се тест за левичарската коалиција, која е на власт веќе 18 месеци, а од друга страна се првите избори по минатогодишната административно-територијална реформа.