Албанскиот премиер Еди Рама в четврток и петок ќе биде на балканска турнеја, во која со своите колеги ќе разговара за кризата во Косово, иницијативата „Отворен Балкан“ и Берлинскиот процес, јавија медиумите.
„В четврток наутро премиерот Рама ќе замине за Скопје. Тоа е неговата прва од петте станици, во земји од Западен Балкан кои не се дел од Европската Унија, што ќе ги посети за два дена. Во Скопје ќе има средба со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски“, наведуваат медиумите.
По Скопје, Рама ќе замине за Приштина каде се очекува да се сретне со премиерот Албин Курти.
„Средбата се случува во моменти кога односите на двајцата премиери на Албанците се наоѓаат на најкритичната точка откако Рама застана покрај Западот, барајќи од Курти да направи чекори назад и да создаде асоцијација на општини со мнозинско српско население на север“, додаваат медиумите.
В петок Рама ќе отпатува за Белград, каде треба да се сретне со претседателот Александар Вучиќ.
Ќе ги посети и Црна Гора и Босна и Херцеговина за да разговара со тамошните премиери за „важноста на стабилноста во регионот, загрозена од неодамнешните тензии меѓу Србија и Косово“.
„Рама деновиве изјави дека „Отворен Балкан“ ја завршил својата мисија и оти сега 6-те земји ќе ги продолжат своите напори под единствениот чадор што ги зближува сите: Европската Унија преку Берлинскиот процес, кој ќе го има следниот состанок во октомври во Тирана“, посочуваат медиумите.