Албанија е во последните подготовки за уште еден голем меѓународен настан, Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, кој за првпат ќе се одржи надвор од границите на ЕУ, во Тирана, објави албанскиот премиер Еди Рама привлекувајќи внимание на овој важен настан со учество на 6 премиери од регионот.
Наведува дека учеството на самитот, што ќе се одржи на 16 овој месец, го потврдиле претседателот на Франција, Емануел Макрон, канцеларот на Германија, Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, како и голем број премиери на земјите членки на Европската унија.
Во рамките на овој самит во последните недели во Тирана се одржаа неколку подготвителни министерски состаноци. По форумите на министрите за економија и за внатрешни работи, што се одржаа минатиот месец, утре ќе се одржи форум на министрите за надворешни работи.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Хрватска, Италија, Словенија и Обединетото Кралство, заедно со земјите од Западен Балкан.
Албанија беше домаќин и на самитот на ЕУ за Западен Балкан на 6 декември минатата година, што беше првпат ваков собир да се одржува надвор од ЕУ.