Рама негира дека во Албанија ќе се гради камп за поранешни припадници на ИД

Официјална Тирана демантираше дека Владата на Албанија има проект за изградба на камп за прифаќање на поранешни припадници на Исламска држава од балканските земји кои ќе се вратат од Сирија и Ирак, што всушност е демант на изјавата на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, дадена во Тирана.

Советникот за безбадност при Владата на Албанија, Сандер Леши, соопшти дека станува збор за лажни вести кои имаат за цел да провоцираат, бидејќи не постои некаков проект ниту идеја за изградба на таков камп.

Владата во Тирана објаснува дека фразата која ја изрекол бугарскиот премиер Борисов во Тирана, нема врска со контекстот бидејќи, како што велат, се мисли на изградба на Центар за кординација против насилниот екстремизам.

Албанија има предложено овој Центар да има регионален карактер каде би се подготвувале анализи, оценки, студии, размена на информации и заеднички програми против насилниот екстремизам. Но, овој центар никому не паѓа на памет да биде центар за прифаќање на поранешни борци на ИД“, се наведува во реакцијата на албанската влада.