Рама праќа братска прегратка за целата тетовска заедница, сочувство и од другите албански политичари

Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување.

„Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во Ковид болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија, ви посакувам мирен ден вам и на вашите семејства“, напиша Рама во објавата на Фејсбук.

И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е „длабоко тажна поради трагедијата во Ковид болницата во Тетово“. 

„Најискрено сочувство до семејствата и целата албанска заедница. Вашата болка е и наша болка, вашата трагедија е и нашата трагедија“, напиша таа на Фејсбук.

Сочувство до семејствата на жртвите од пожарот и побрзо закрепнување на повредените посака и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.

„Премногу е тажна веста од Тетово. На овој трагичен ден се придружувам на болката на семејствата и роднините на жртвите и изразувам искрено и длабоко  сочувство. Бог да ви даде сила да се соочите со оваа трагедија. Брзо закрепнување на повредените“, пишува Баша.

Во врска со овој трагичен настан прв, пред полноќ реагираше шефот на државата, Илир Мета, наведувајќи дека со длабока загриженост и тага ја следи трагедијата што се случи во тетовската болница.

„Исклучително сериозен и вознемирувачки настан, особено за бројот на пријавени жртви. Изразувам искрено и најдлабоко сочувство за загубените животи и ја  споделувам големата болка со нивните семејства. Посакувам што побрзо заздравување на повредените. Изразувам целосна солидарност со државните органи на Северна Македонија, кои вложуваат максимални напори да спасат што е можно повеќе животи и да ја стават ситуацијата под контрола. Моите мисли и молитви се со Тетово“, напиша Мета нешто пред полноќ.

Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, ги понуди сите капацитети на Безбедносните сили на Косово (ФСК) за помош на Тетово и на сите кои имаат потреба по големиот пожар во тетовската модуларна болница.

Мехај преку својата страница на Фејсбук информира дека им изразил сочувство на неговата македонска колешка Радмила Шекеринска и на тетовската градоначалничка Теута Арифи.

„Со голема болка, со душата и со мислите со Тетово! На министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, освен изразите на најдлабоко сочувство, им ги понудив сите наши капацитети во поддршка на Кризниот штаб, за справување со трагедијата во тетовската модуларна болница. На семејствата на жртвите и на повредените им порачуваме: Со вас сме!“, напиша Мехај. 

И министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев изрази сочувство за синоќешната трагедија во модуларната болница во Тетово.

„Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во Ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време“, му напиша Стоев на својот македонски колега Бујар Османи, во пораката на Твитер.