Рама: Самит ЕУ-Западен Балкан е историски настан за Албанија

Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 декември во Тирана е историски настан за земјата, оцени албанскиот премиер Еди Рама кој на социјалните мрежи го сподели логото на Самитот, дизајнирано со албански народни мотиви, боите на националното знаме и боите на знамето на Европската унија.

– Албанија е горда првпат да биде домаќин на Самитот ЕУ-Западен Балкан, историски настан, со почит кон нас кои иднината ја гледаме во големото европско семејство, напиша Рама.

Самитот е прв од ваков вид што се одржува во регионот на Западен Балкан и е дел од спроведувањето на стратешката агенда на Европскиот совет 2019-2024 година.

Се оценува за можност да се потврди клучната важност на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, регион со јасна перспектива кон ЕУ.

– Според официјалната агенда објавена на веб-страницата на Советот на Европска Унија, меѓу главните теми на разговор ќе бидат: справување со последиците од руската агресија врз Украина; интензивирање на политичкиот ангажман; зајакнување на безбедноста и градење на отпорност против странско мешање преку справување со предизвиците што ги носи миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал. На Самитот ќе се оцени и напредокот во интеграцијата на Западен Балкан на внатрешниот пазар на ЕУ, јави државната новинска агенција АТА.

Самитот ќе биде можност да се разговара за координирани акции за безбедносни и одбранбени прашања, кои станаа уште поважни во контекст на руската агресија врз Украина.

– Исто така, лидерите ќе разменат мислења за заедничкото справување со менаџирањето со миграцијата, бидејќи бројот на миграции од Западен Балкан значително се зголеми во текот на изминатата година. Ова вклучува усогласување на визната политика на ЕУ и соработка за системите за враќање.

Тие ќе разговараат и за зајакнување на соработката против тероризмот и спречување на радикализацијата, наведува АТА.