Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека апсолутно се согласува со премиерот на Косово, Албин Курти, Србија не само да го признае Косово, туку и да му се извини, но дека Курти и тој не се согласуваат кога тоа треба да се случи.
„Мислам дека признавањето и барањето прошка е крај на процесот. Процесот не започнува со признавање и барање прошка“, рече Рама во Њујорк, каде што учествува на заседанието на Генералното собрание на ОН. Како што објавија денеска приштинските медиуми, Рама изјавил дека неговите односи со Албин Курти се фантастични.
„Навистина имаме многу слатка, многу пријателска комуникација…што значи дека зборуваме многу за различни теми, се соочуваме со мислења поврзани со различни политички филозофии“, рече тој. Зборувајќи за односот со Курти, Рама додаде дека „не мора за се да се согласуваат“. „Не се согласуваме за пристап до Србија, за признавање и барање прошка, не се согласуваме за „Отворен Балкан“, но тоа не нè спречува да се договориме за многу други работи“, рече Рама.