Рамазан започнува в понеделник додека и натаму беснее војната во Газа

Саудиска Арабија и неколку други арапски земји објавија дека во понеделник ќе започне светиот муслимански месец на постот Рамазан, додека трае разорната војна во Појасот Газа.

Саудиска Арабија, која се смета за средиштето од кое почнува да се шири исламот, објави дека рамазанската полумесечина е забележана во недела навечер, па затоа понеделник ќе биде првиот ден од светиот месец, јави официјалната саудиска новинска агенција SPA, повикувајќи се на кралскиот двор.

Слични најави имаа и верските власти во Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Почетокот и крајот на Рамазан зависат од заблежувањето на младата месечина.

За време на Рамазан, побожните муслимани се воздржуваат од јадење, пиење и пушење од утро до зајдисонце. Постот е еден од петте столбови на исламот, заедно со исповедањето на верата, молитвата пет пати на ден, задолжителната верска жртва и аџилакот во Мека во Саудиска Арабија.

Агенцијата SPA го цитираше саудискиот крал Салман бин Абдел-Азиз во изјавата по повод почетокот на Рамазан дека е болно да се знае дека годинешниот свет месец се одржува „додека се врши агресија врз нашите браќа во Палестина“.

Се зголемува загриженоста дека продолжувањето на борбите во Појасот Газа за време на Рамазан може дополнително да го разгори конфликтот во услови на тешка хуманитарна криза во густо населената енклава. Израел со месеци го бомбардира Појасот Газа и води немилосрдна копнена офанзива, како одговор на нападот без преседан според обемот, координираноста и свирепоста на палестинските милитанти на Хамас врз воени бази, населби и градови во јужен Израел на 7 октомври.

Катар, Египет и Соединетите држави се обидуваат да посредуваат за договор за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, што треба да го олесни ослободувањето на израелските заложници. Но, изгледа дека преговорите се заглавени.