Рампа на патот за Пелистер

На патот за Пелистер, веднаш над селото Магарево, од страна на Управата на Националиот парк Пелистер веќе е поставена рампа, која во иднина ќе служи за наплата на влезниците на посетителите на Паркот. Од Националниот парк изјавија дека влезот се уште не се наплаќа. Штом бидат завршени сите комунални процедури, граѓаните благовремено ќе бидат информирани за датумот и видот на наплатата, со посебни соопштенија и известувања преку медиумите.

Од вчера до 19-ти овој месец, во Детското одморалиште на Пелистер ќе зимуваат 1000 деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и деца корисници на посебен додаток, односно деца кои се редовни ученици  во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година.

Бидејќи станува збор за социјална категорија, Националниот парк Пелистер за овие деца нема да наплаќа влезници во изложбениот простор на Информативниот центар на Пелистер, со што Паркот ја помага акцијата на Владата да им овозможи зимски одмор на децата од социјално загрозените семејства. Инаку во Информативниот центар редовната влезница за деца од 7 до 15 години е 10 денари по дете, а за деца над 15 години и за возрасни е 20 денари по лице.

Во рамките на престојот на децата на Пелистер, организиран од Министесрството за труд и социајална политика, за секое дете се предвидени пет полни пансиони, односно ноќевања со три оброка дневно и едукативни, забавни и спортски активности во времетраење од шест дена.