Рангелова: Шилегов вмешан во нов скандал со системско местење тендери

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по неколкудневниот молк од страна на портпаролот на опозициската СДСМ, Петре Шилегов, откриваат нов скандал кој што е поврзан со организиран систем за местење на тендери.

„Поминаа неколку дена и имаме апсолутен молк од Петре Шилегов. Тој не кажа ништо зошто како претседател на второстепената владина комисија за жалби за јавни набавки постапил спротивно на законот и ја прифатил жалбата на Семос компјутери. Денес откриваме нов скандал, каде децидно изразуваме сомнеж дека се работи за организиран систем за местење на тендери во кој главниот збор го имал Шилегов. Имено на повторен отворен повик бр.18/2-283/10 на Министерство за одбрана за набавка на масло за јадење рафинирано од сончоглед  е избрана фирмата Брилијант Штип во сопственост на спонзорот на СДСМ Мите Николов“, рече Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Resenie 182283-10

На овој отворен повик, како што рече таа, се жалела фирмата „Пекабеско“.

„Понудата на жалителот не била евалуирана од комисијата на Шилегов иако имала најниска цена, со образложение дека не поседувал документ – ‘документ за здравствена исправност на понудениот производ од извршени испитувања во овластени институции за контрола на квалитет или сертификат за потекло и квалитет’, оваа формулација е употребена и во повикот, во делот техничка способност. ‘Пекабеско’ сепак имал ваков документ, кој бил од производителот. Самиот повик дозволува освен од овластени институции за контрола на квалитет, да се приложи и сертификат за потекло и квалитет. Во законот кој важел во тој период, во членот 41, утврдено е дека техничката способност може да се утврдува преку потврди (сертификати) издадени од надлежни органи, организации или други правни лица за контрола на квалитет со кои ќе се потврди сообразност на производот со стандардите барани во тендерската документација“, додаде Рангелова.

Таа потенцираше дека при отворање на понудите, Комисијата на Министерството не го отфрлила овој документ, туку само побарала негов превод. Во рамките на евалуацијата на понудите, иако „Пекабеско“ постапиле по барањето на Комисијата и доставиле превод, понудата е оценета како неуредна и не се земени во предвид при евалуацијата од Комисијата на Шилегов.

„Заради исклучувањето на жалителот ‘Пекабеско’ како најповолен понудувач е избран ‘Брилијант’, иако ‘Пекабеско’ имала најмала цена во понудата. Ситуацијата е јасна. Петре Шилегов одбива дури да ја разгледа понуда со помала цена и избира фирма на спонзор на СДСМ. Нема законско право на тоа но сепак донел таква одлука“, потенцираше Рангелова.

Шилегов, како што рече таа, спротивно на законот одбива попоповолна понуда и избира фирма спонзор на СДСМ.