Раниери го менува Јокановиќ на клупата на Фулам

Последнопласираниот тим во англиското фудбалско првенство Фулам ги отпушти менаџерот Славиша Јокановиќ, и на неговото место го доведе Клаудио Раниери.

Фулам минатата сезона воден од Јокановиќ го избори враќањето во Премиер лигата по четири сезони минати во второто според квалитетот англиско натпреварување, но само едната победа и петте освоени бодови во првите 12 кола го натерааа претседателот на клубот Шахид Кан на промени.

„Не очекував дека ќе морам да ја направам оваа објава, но сметам дека таа е исправна и дека е вистинското време за неа“, објави Кан.

Искусниот италијански фудбалски експерт, 67-годишниот Раниери, најголемиот успех во кариерата го оствари во сезоната 2015/16, кога го водеше Лестер Сити до сензационалната титула, прва во историјата на клубот, првак на Англија. Но, само неколку месеци подоцна доби отказ во Лестер поради слабиот почеток на новата сезона. Потоа го водеше францускиот преволигаш Нант кој го напушти по завршувањето на минатата сезона.

Раниери, покрај споменатите клубови, ги водеше и фудбалските великани како Јувентус, Рома, Интер, Наполи и Фиорентина во Италија, како и Валенсија и Атлетико Мадрид во Шпанија, а во Франција и Англија водеше уште по еден клуб во кариерата, Монако односно Челзи.