Раперот Шон „Диди“ Комбс е обвинет дека дрогирал и сексуално нападнал студентка во 1991 година во тужбата поднесена во четвртокот пред судот во Њујорк, што е втора таква тужба против него во изминатата седмица.
Тужбата против 54-годишниот Комбс е една од серијата тужби поднесени оваа седмица против јавни личности според „Adult Survivors Act“ (Законот за возрасни преживеани) на американската сојузна држав Њујорк, пред да истече специјалниот рок од една година за таквите тужби. Законот дозволува ваквите тужби да се покренуваат пред суд дури и ако е истечен рокот на застареност.
Во тужбата се наведува дека Комбс намерно ја дрогирал и сексуално ја нападнал Џои Дикерсон-Нил, тогаш студентка на Универзитетот Сиракуза која била во посета на Њујорк во моментот на наводниот инцидент во јануари 1991 година. Комбс е обвинет и за видео снимка на наводниот криминал и дистрибуција на снимката на други луѓе во музичката индустрија.
„Сексуалниот напад и неговото јавно прикажување предизвикаа таа да страда од интензивни чувства на понижување, срам, злоупотреба и постојан страв од тоа кој гледа“, напишаа адвокатите на Дикерсон-Нил во тужбата.
Дикерсон-Нил бара неодредена отштета за ментална и емоционална повреда, болка и страдање и за клевета на нејзиниот углед, се наведува во тужбата.
Портпаролот на Комбс рече дека нејзината приказна е „измислена и не е веродостојна“ и дека раперот никогаш не ја нападнал.
„Ова е чисто грабање пари и ништо повеќе“, рече портпаролот во електронска порака до медиумите.
Тужбата против Комбс доаѓа една седмица откако тој се спогоди со својата поранешна девојка, R&B пејачката Касандра Вентура, која го обвини раперот за сериско физичко малтретирање, сексуално ропство и силување.
Комбс остро ги отфрли сите наводи.