Претседателот на црногорскиот парламент Иван Брајовиќ ги распиша во петокот претседателските избори коишто треба да се одржат на 15-ти април, а ќе бидат седмите по ред од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора.
На актуелниот црногорскиот претседател Филип Вујановиќ вториот последователен мандат му истекува на почетокот од април.
На сите досегашни избори победуваше кандидатот на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) којашто ја водеше Мило Ѓукановиќ.
Ниедна партија сѐ уште нема одредено свој кандидат. Според неофицијалните најави во медиумите, фаворит на власта ќе биде најверојатно Мило Ѓукановиќ, а имајќи предвид дека опозицијата не може да се договори за единствен кандидат, најверојатно ќе има повеќе претенденти.
Кандидатот на владејачката ДПС ќе биде претставен најдоцна за две седмици. За тогаш е најавено дека со својот кандидат ќе излезат и од опозицискиот Демократски фронт (ДФ). Претставниците на ткн „граѓанска“ опозиција, уште не се изјаснува, но двајца челници од оваа коалиција се изјаснија, имено претседателот на Демос, Миодраг Лекиќ најверојатно повторно ќе биде кандидат, додека челникот на СНП, Владимир Јоковиќ, сигурно нема да биде.
Инаку на првите непосредни избори во 1990 година победи Момир Булатович, како и на вторите одржани во 1992/1993 година. Мило Ѓукановиќ победи на изборите во 1997 година, а на претседателските избори во 2003 сѐ уште во федерација со Србија,и во 2008 и 2013 година, победи Филип Вујановиќ.
Секој потенцијал кандидат за претседател на Црна Гора е должен да собере најмалку 7.932 потписи од избирачите коишто го поддржуваат. Според Законот за избор на претседател, кандидатура може да предложи партија или група граѓани врз основа на најмалку 1,5 отсто од вкупно запишаните избирачи. На парламентарните избори во 2016 година во Црна Гора имаше 511.405 избирачи во избирачкиот избор.
Претседателот на Црна Гора се избира на општи непосредни и тајни избори, со мандат на пет години. За шеф на државата ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половината на важечките гласови на избирачите коишто ќе излезат на изборите. Доколку ниеден кандидат не го добие овој број гласови, вториот круг ќе биде организиран за 14 дена, на кој ќе учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови во првиот круг.
За распишување на изборите претседателот на парламентот Иван Брајовиќ ги известил и претседателот на државата Филип Вујановиќ.
„Верувам дека изборите ќе бидат одржани во позитивна и демократска атмосфера и дека сите заедно уште еднаш ќе покажеме зошто Црна Гора лидер во своето опкружување“, изјави Брајовиќ и притоа ги повика граѓаните да излезат на изборите и „со слободна волја да го изберат најдобриот кандидат“.