Распишан е огласот за избор на нови членови и претседател на Антикорупциска

Пред два дена беше објавен оглас за избор на нов состав на Државната комисијата за спречување корупција. Актуелниот состав нема право на втор мандат. До 7 февруари Собранието треба да го избере новиот состав од седум членови на ДКСК.

Според огласот, кандидатите треба да се македонски државјани, да имаат завршено Правен факултет или образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки, за претседател најмалку 10 години искуство од кои осум во областа борба против корупција, добро управување и владеење на право, а 8 години искуство за членовите.

На овој оглас немаат право да се пријават лица кои во последните 10 години биле пратеници, членови на влада, донатори на политички партии или пак вршеле партиски функции.

Изборот на нови членови на ДКСК го врши собраниска комисија, интервјуата на кандидатите се емитуваат јавно на собранискиот канал. За време на таа седница кандидатите можат да бидат прашувани и од претставници на здруженијата на новинари, на други здруженија и фондации, од Македонската академија на науки, Народниот правобранител и Интеруниверзитетската конференција. Претставници на граѓанскиот сектор има и во комисијата која ја врши селекцијата.