Град Скопје објави оглас за високо образован кадар коj има менаџерски и лидерски вештини за да помогнат во подобро раководење на претпријатијата.
Ова денеска го истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на гостувањето на вестите на Канал 5.
„Град Скопје објави оглас за ангажирање на лица во администрацијата, директори на културни институции како Зоолошката градина, Детскиот културен центар, Музејот на град Скопје, Младинскиот културен центар и Универзална сала, а во јавните претпријатија во ЈСП, Комунална хигиена, Водовод и канализација, Градски паркинг, Улици и патишта“, истакна Трајановски.
Тој истакна дека станува збор за 58 раководни позиции, од кои дел се директорски места, а останатите раководители на сектори во јавни претпријатија или Град Скопје.
„Ги повикувам заинтересираните кои поседуваат менаџерски способности и ги исполнуваат условите, кои се стручни во областите и се високомотивирани со чувство за тимска работа и одговорни за работењето, да конкурираат и да го искажат својот интерес“, додаде градоначалникот на град Скопје.
Како што нагласи тој, сите имаат еднакви шанси без разлика на верска, политичка, национална припадност и имотна состојба.
Градоначалникот изјави дека градот Скопје има потреба од квалитетни луѓе, за да истиот да се изгради и да се доближи до стандардите на Европската унија во која било сфера.
Доставување на документите ќе се врши исклучиво по електронски пат, а линкот за доставување на истите е skopje.gov.mk/konkursi.
Огласот трае до 25 јули годинава.