![falanga navivaci](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/falanga-navivaci.jpg?resize=696%2C462&ssl=1)
Секторот предвиден за навивачи на македонската фудбалска репрезентација за претстојниот натпревар во рамките на квалификациите за Европското првенство против Украина во Прага е експресно распродаден и „црвено–жолтите“ ќе имаат бројна поддршка од трибините на „Епет Арена“ на 14-ти октомври.
За македонските навивачи беа резервирани 997 билети кои беа продадени за помалку од 48 часа, а според најавите навивачки групи организирано ќе допатуваат во Прага од повеќе европски држави.
Дуелот меѓу македонската и украинската репрезентација во рамки на групата Ц во квалификациите за ЕУРО 2024 ќе се игра на стадионот на кој е домаќин Спарта Прага со капацитет од 18.000 седишта.
Пред завршните три евроквалификациски дуела, македонската репрезентација е на четвртото место во групата со седум бодови, колку што имаат и Италија на второто и Украина на третото место. Лидер е Англија со 13 бодови, додека Малта е на последното место без освоен бод.