Распродадена премиерата на инклузивната претстава „Сеќавања“, закажани уште две нови изведби

Инклузивната танцова претстава „Сеќавања“ на балетското студио „Еурека“ ќе биде премиерно изведена на 4 декември (понеделник) во 19 часот на сцената на Националната опера и балет. Премиерата е веќе распродадена, а поради големиот интерес, ќе бидат изведени уште две претстави на 5 декември во термините од 9.30 и 11.30 часот.

Ова е четврта инклизивна претстава за „Еурека“. Станува збор за прошетка низ едно поинакво време. Илустрација на сеќавањата кои повеќе не се далечен идеал и избледена слика, туку опиплива и достижна реалност. Танцуваат 320 членa на студиото со и без попречености, кореографијата е авторска на кореографите од студиото, а музиката се внимателно избрани македонски евергрини.

Во свет на различности и нееднаквости каде единствената константа е промената, да направиме и бидеме позитивната промена во нечиј живот, порачуваат од студиото.