„Остануваме фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фрекфенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај“ – вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје повеќе не е изолирано острово како во минатото. Се воведуваат нови директни летови кон дестинации во Европа и во светот, нови конекции. Скопскиот аеродром се трансформира во регионален центар. За девет месеци има раст од 11% на бројот на полетувања и слетувања, на вкупно 13 илјади и 9 летови.
„Со новите дестинации очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори“ – објаснува Крстевски.
Директна врска до 33 дестинации
Сликата за македонските аеродроми е комплетно променета. Граѓаните можат да патуваат по достапни цени до повеќе градови во Европа, но и надвор од нашиот континент.
„Со достапните цени на авиобилетите создадовме можност да се посетуваат најатрактивните дестинации во Европа, можност граѓаните полесно да патуваат“ – вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.
Скопскиот аеродром нуди директни линии до 33 дестинации. Од „Александар Велики“ се лета кон: Ајндховен, Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Келн, Копенхаген, Доха (од 1 јануари), Дортмунд, Дубаи, Франкфурт, Гетеборг, Хановер, Истанбул, Прага, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Фридрихсхафен, Хамбург.
23 од вкупниот број на дестинации ги овозможува „Виз ер“, унгарска нискотарифна авиокомпанија, субвенционирана од македонската Влада.
„Субвенциите кои ги даваме за реализација на евтини авиолетови обезбедуваат мобилност за македонските граѓани и прилив на гости во Република Македонија. Зголемиот број на патници директно поддржува развој на поголем број на сектори, транспортот, угостителството, туризмот и останатите гранки кои имаат корелација со нив“ – вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Од авиокомпанијата велат дека ќе продолжат да ја поврзуваат Македонија со светот.
„Остануваме посветени на Македонија и ќе продолжиме да ги нудиме најниските можни цени за авиобилети“ – вели Тамара Валоис од „Виз ер“.
„Македонскиот пазар е пазар што треба да биде стимулиран. За луѓето да патуваат со авион е потребно трошоците да бидат колку што е можно пониски“ – вели првиот човек на „Визер“, Јозеф Варади.
Процентуално, македонските патници најмногу летале со „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Германија флуг“, „Пегасус ерлајнс“. Најпосетена дестинација се уште е Истанбул, а потоа се Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Голем интерес има и за Барселона и за Дубаи.
Тренд на континуиран раст!
Македонија бележи извонредни резултати во авиобизнисот, регистрираме тренд на континуиран раст и на бројот на превезени патници и на бројот на авиолинии.
Бројките се показател дека она што е направено даде резултат. Ако во 2005 година се летало кон 15 дестинации, сега се повеќе од 30. Споредено со тој период, бројот на патници е за повеќе од тројно зголемен. Тогаш се оперирало со бројка од 500 илјади патници, сега се мерка да се достигне таргетот од 2 милиона.
Партнерството со ТАВ, политиките за привлекување нови компании и отворањето нови дестинации, субвенциите, евтините билети, инвестициите во инфраструктура, вложувањата во маркетинг – ова се мерките кои комплетно ја променија сликата за македонските аеродроми.
„Авиосообраќајот во Македонија бележи најдобри резултати од кога било порано, благодарение на мерките што континуирано ги спроведуваме“ – вели министерот Мисајловски.
За разлика од порано, сега охридскиот „Св. Апостол Павле“ повеќе не е само спореден аеродром. Напротив, прогласен е за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа. На аеродромот се воведуваат нови линии и чартери, кои ја зголемија туристичката атрактивност на градот.