Раст на цените на нафтата кон 75 долари, фокусот на иранските испораки

Цените на нафтата се зголемија до 75 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи американските санкции врз иранските нафтени превозници го засенија трговскиот спор меѓу САД и Кина и загриженоста за побарувачката.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 51 цент повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 74,80 долари. Речиси за исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 71,21 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во четвртокот поевтинил за 72 центи на 76,45 долари.

На крајот од работната седмица пазарите беа преокупирани со новите американски санкции за оревозниците на иранската нафта. Американското Министерство за финансии во четвртокот објави дека вовело санкции за мрежа компании и поединци кои транспортираат иранска нафта во Кина, по најавата на претседателот Доналд Трамп дека има намера да користи строга политика на „максимален притисок“ за да го принуди Иран да преговара за нуклеарна програма, откако токму тој во својот прв мандат ги повлече во 2018 година САД од договорот што Техеран го склучи со шесте светски сили со кои се ограничуваше неговата нуклеарна програма на ниво од кое е недеволно да се дојде до нуклеарно оружје.

Санкциите опфаќаат поединци и компании во неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и танкерите „CH Billion“ и „Star Forest“, кои пловат под знамињата на Панама и Хонгконг.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот потпиша указ со кој ја врати политиката на строги санкции против Иран од неговиот прв претседателски мандат. При потпишувањето на документот, тој рече дека е многу тврд, додавајќи дека е подготвен да постигне договор со Техеран.

„Што се однесува до мене, работите се многу едноставни: Иран не може да има нуклеарно оружје“, рече американскиот претседател неосврнувајќи се на постојаните тврдења на Техеран дека неговата цел воопшто не е да дојде до такво оружје за масовно уништување.

„Трамп зборуваше за максимален притисок (врз Иран) и пазарот го сфати сериозно. Наметнувањето царини и ограничувања би требало да ги зголеми цените на нафтата бидејќи ја засилува неизвесноста. Но цените не се зголемија поради стравувањата за побарувачката. Царините и реципрочниот одговор од земјите на коишто им се беа наметнати ѝ штетат на глобалната економија… и на побарувачката на нафта“, објаснува Мајкл Хеј од „Societe Generale“.

САД, под водство на Трамп, воведоа царини од 10 отсто за кинескиот увоз, а Пекинг одговори со давачки за увозот на нафта, течен гас и јаглен од САД. Вашингтон истовремено ги одложи најавените царини за увоз од Мексико и Канада.

Трговците, исто така, беа вознемирени од постојаното ветување на американскиот претседател за зајакнување на домашното производство, само ден откако податоците покажаа скок на залихите на нафта и бензин во САД.