Европските берзи пораснаа во понеделник во претпладневното тргување додека инвеститорите ги очекуваа новите квартални деловни извештаи од компаниите и економските показатели.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневниот пресек на тргувањето порасна за 0,3 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,07 отсто, на 7.577 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,31 отсто, на 16.978 поени, а париски CAC за 0,43 отсто, на 7.680 поени.
Најмногу претпладнево поскапеа цените на акциите во финансискиот и автомобилскиот сектор, во просек за 0,7 отсто. На азиските берзи, пак, тргувањето се одвива мирно, а размената е слаба бидејќи многу пазари се затворени поради прославата на лунарната нова година.
На токиската берза индексот Nikkei претпладнево порасна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија се лизнаа за 0,4 отсто. Повеќето други берзи во регионот, вклучувајќи ги Кина, Тајван и Јужна Кореја, денеска се затворени поради прославата на лунарната нова година.