Раст на европските берзи втор ден со ред, азиските во пад

Европските берзи пораснаа втор ден по ред во петокот вво претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите веруваат дека Европската централна банка (ECB) наскоро ќе почне да ги намалува каматните стапки со намалување на инфлацијата.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,4 отсто во првиот дневен пресек на пазарите, откако порасна за речиси 6 отсто во ноември. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,84 отсто, на 7.516 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,53 отсто, на 16.300 поени, а париски CAC за 0,45 отсто, на 7.340 поени.

На берзите во Европа од вчера владее добро расположение, откако првата проценка на Eurostat покажа дека инфлацијата во еврозоната во ноември се лизнала на 2,4 отсто, што е најниско ниво од средината на 2021 година.

Тоа ја поткрепи тезата дека Европската централна банка (ECB) го завршила циклусот на покачување на каматните стапки и дека наскоро може да се очекува намалување на каматните стапки, имајќи предвид дека економијата на еврозоната слабее. Иако челниците на ECB велат дека сѐ уште е рано да се зборува за тоа, на пазарот се шпекулира дека првото намалување на каматите би можело да дојде веќе во април.

А на азиските берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот дневен пресек беше намален за 0,4 отсто, откако скокна за повеќе од 7 отсто во ноември. Претпладнево на Токиската берза индексот Nikkei падна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја се лизнаа меѓу 0,2 и 1,2 отсто. Во Шангај, пак, благо се зголемија.

По силниот скок во ноември, овие индекси паднаа на почетокот на декември бидејќи нема нови охрабрувачки вести. Сепак, утрово беше објавен индексот Caixin PMI, кој покажа дека производната активност во Кина неочекувано се зголемила во ноември. Но, тоа не ги охрабри баш инвеститорите бидејќи официјалниот PMI на кинеските власти вчера покажа дека активноста падна втор месец по ред.

„Нам ни се чини дека многу од добрите вести веќе се вградени во цените на акциите и некои инвеститори решија да извадат одреден профит од пазарот, по силниот скок на цените на акциите минатиот месец“, вели Родриго Катрил, стратег во „National Australia Bank“.