Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари-февруари 2021 година, изнесува 1.301.104.000 долари и бележи пораст од 21,1 отсто во однос на истиот период лани. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.659.766.000 долари што е за 15,1 отсто повеќе во споредба со истиот период лани.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-февруари 2021 година, изнесува 358.663.000 долари.
Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот.
Во увозот најмногу се застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).
Во периодот јануари-февруари 2021 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.