Раст на приходите и инвестициите на „Реплек“

Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.

Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на „Реплек“ во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80% од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23%, надминувајќи вредност од над 5 милиони евра.

Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек “ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.

Истовремено со растот на извозот, „Реплек“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во првиот квартал  е остварен раст на приходите од продажба од 50%, во споредба со истиот период лани.


Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за 5,5 пати во однос на првите 3 месеци од 2023 година.

– Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите – изјави главниот извршен директор на „Реплек“ Душан Пецовски.

Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24% во однос на истиот период од минатата година.