Цените на акциите пораснаа на Волстрит во понеделник, бидејќи инвеститорите се надеваат дека челниците на американската централна банка остро ќе ги намалат каматните стапки на овонеделниот состанок.
Индексот Dow Jones зајакна 0,55 отсто, на 41.622 поени, додека S&P 500 порасна за 0,13 отсто, на 5.633 поени. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,52 отсто, на 17.592 поени.
Од 11-те најважни сектори на индексот S&P, цените на акциите вчера пораснаа во девет од нив, додека најмногу падна технолошкиот сектор, речиси 1 отсто. Поради притисокот врз тој сектор, Nasdaq беше единствениот од најважните индекси што заврши во црвено.
Во исто време, акциите на „Apple“ беа меѓу најголемите губитници, со пад на цената од 2,8 отсто, по веста дека побарувачката за најновите модели на iPhone 16 на компанијата е помала од очекуваното.
Се тргуваше претпазливо пред седницата на челниците на американската централна банка. Сосема е сигурно дека Fed ќе ги намали каматните стапки во среда, првпат по повеќегодишна рестриктивна монетарна политика.
Но, големо прашање е дали ќе ги намалат за 0,25 или 0,50 процентни поени. До неодамна, пазарот очекуваше намалување од 0,25 процентни поени, имајќи предвид дека американската инфлација не се намалува толку брзо како што се надеваа инвеститорите. Сепак, последните денови се појавија информации дека некои од челниците на Fed се за поостро намалување од 0,50 процентни поени и дека исходот од седницата е неизвесен.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,06 отсто, на 8.278 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,35 отсто, на 18.633 поени, а париски CAC 0,21 отсто, на 7.449 поени.