Раст на Волстрит по четирите денови пад

На Волстрит во четвртокот индексите Dow Jones и S&P 500 благо пораснаа по четирите денови пад, но се тргуваше претпазливо, па најмногу пораснаа цените на акциите во ткн дефанзивни сектори.

Индексот Dow Jones зајакна за 0,46 отсто на 31.656 поени, S&P 500 за 0,30 проценти на 3.966 поени. Nasdaq индексот, пак, падна за 0,26 отсто, на 11.785 индексни поени.

Поголемиот дел од тргувањето индексите го минаа во негативната област, за да се пробијат во позитивна дури пред крајот на тргувањето. Тоа е прв раст на S&P 500 индексот по четирите денови пад, во кои загуби речиси 6 отсто од вредноста.

А на европските берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот индекс FTSE ослабе за 1,86 отсто на 7.148 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 1,60 отсто на 12.630 поени, а парискиот CAC за 1,48 проценти на 6.034 индексни поени.

И покрај растот на индексите во Њујорк, вложувачите се во дефанзива, бидејќи вчера најмногу пораснаа цените на акциите во секторите како што се здравствениот, во просек за 1.65 отсто, и во услужниот за 1,4 отсто.

Инвеститорите не се расположени за поризнични вложувања, бидејќи американската централна банка Federal Reserve (Fed) од март ја заострува монетарната политика за да ја сузбие инфлацијата, којашто се движи на највисоките нивоа по повеќе од 40 години.

Поради тоа, и во септември се очекува агресивно зголемување на клучните каматни стапки. Според процената на пазарот на парите, постојат околу 70 отсто изгледи дека Fed во септември каматите ќе ги заголеми за 0,75 процентни поени. Се проценува, исто така, дека до март следната година каматите би можело да изнесуваат 3,99 отсто.

Во четвртокот беа објавени и податоците кои покажуваат дека бројот барања за помош на невработените во САД минатата седмица паднал повеќе отколку што се очекуваше, а тоа значи натамошен притисок врз растот на платите и инфлацијата. Поради тоа, во петокот во фокусот на вложувачите ќе биде извештајот за вработувањето во САД. Во анкетата на Reuters аналитичарите во просек очекуваат раст на бројот на вработените во август за 300.000, помалку отколку претходниот месец.

„Доколку податоците бидат послаби, пазарот би можело да порасне, особено ако се покаже дека забавува растот на платите. Пазарот, исто како и Fed, е зависен од макроекономските показатели. Во иднина внимателно ќе го следи секој податок кој може да сугерира кога Fed би можело да биде при крај со зголемувањето на каматите“, вели Квинси Крозби, задолжена за стратегии во компанијата „ LPL Financial“.