Раст на вработените во културата во ЕУ од 4,5 отсто, се намалува доминацијата на мажите во овој сектор

Во секторот култура во ЕУ во 2022 година биле вработени 7,7 милиони лица, што претставува 3,8 проценти од вкупниот број работници во Унијата и е зголемување за 4,5 отсто во споредба со претходната година, кога во културниот сектор бил ангажирани 7,4 милиони лица.

Како што соопшти Европската статистичка служба – Евростат, уделот на вработени во културниот сектор се зголемил во 19 членки на ЕУ, а се намалил во останатите осум.

Најголем раст на бројот на културни работинци на годишно ниво е забележан на Кипар и тоа од 21,5 отсто, пред Луксембург со 14,5, Ирска со 14, Шведска со 11,9 и Холандија со раст од 10,5 проценти.

Од друга страна, најголемо намалување на бројот на вработрни во културата од 7,7 отсто има во Бугарија, по што следуваат Чешка со 7,3, Хрватска со 6,3, Естонија 5,3 и Летонија со пад од 2,5 проценти.

Култура ЕУ

Карактеристично е што лани е забележан најмал родов јаз меѓу вработените во културта од само 1,6 процентни поени, продолжувајќи го трендот започнат во 2013 година на раст на бројот на жени ангажирани во културниот сектор. Така, во 2022 година во културата биле вработени 3,93 милиони мажи, што претставува 50,8 отсто од вкупниот број културни работници и 3,8 милиони жени, односно 49,2 проценти.

Во 14 земји членки на ЕУ во културниот сектор се ангажирани поголем број на жени отколку мажи, при што најголема разлика во полза на жените има во Летонија од 26,3 проценти поени. Натаму следуваат Литванија со 25,7 проценти поени повеќе жени од мажи, пред Кипар со 17,1, Бугарија со 13,6 и Луксембург со 13,3 проценти поени.

Од друга страна, најголем родов јаз во полза на мажите има на Малта од 21,6 проценти поени, пред Шпанија со 9,5 и Ирска и Италија со по 8,5 проценти поени.