Растат тензиите во Бразил по уништувањето на Националниот музеј

Гневот тлее ширум Бразил од понеделникот откако во голем пожар беше уништен два века стариот Национален музеј во Рио де Жанеиро, во кој неповратно се загубени и древни египетски и јужноамерикански мумии, а во кој немало автоматски прскалки и со години бил финансиски занемаруван, така што многумина предупредувале на ваква трагедија од национални размери.

Пред влезот во паркот во кој е сместена 200 години старата палата на поранешните бразилски императори полицијата беше принудена во понеделникот да употреби солзавец за да ја разбие гневната група луѓе кои се обидувале да влезат во комплексот. Подоцна во текот на денот на местото се собирале сé повеќе и повеќе луѓе коишто сакале да се осведочат во каква состојба е музејот. На крајот полициајта морала да ги отвори портите во паркот, јавува телевизијата Globo.

Тензијата во бразилското општество расте поради гневот дека е уништен еден од најстарите музеи во земјата, во кој веројатно бесповратно се исчезнати голем број артефакти, од археолошки артефакти до историски експонати, а сето тоа поради недостиг од средства за одржување на институцијата.

Според заменичката директор на Националниот музеј, Криштиана Сережу, можно е само 10 отсто од експонатите да бидат реконструирани. Во музејската колекција имало околу 20 милиони експонати, вклучително и археолошки артефакти, египетски антиквитети, мумии, предмети од секојдневниот живот на домародното население и минерали. Научниците особено истакнуваат дека во овој музеј се чувал костурот, кој се смета за најстариот човечки фосил откриен во Бразил и воопшто на територијата на Јужна Америка. Тој припаѓал на жена којашто живеела пред 12 милиони години и е наречена Лужија, и засега е неизвесна судбината на нејзините останки, бидејќи пожарникарите не можеле да се пробијат до просториите во кои се чувале поради сé уште високите температури.

Уништувањето на зградата и колекциите е „непроценлива загуба за Бразил“, рече во соопштение бразилскиот претседател Мишел Темер. „Денеска е трагичен ден за Бразил. Двесте години труд, истражувања и знаења се загубени“, додаде.

Бразилскиот министер за култура Сержио Леитао изјави за весникот Estado de S.Paulo дека пожарот бил предизвикан најверојатно од краток спој или од хартиен балон на топол воздух кој можеби слетал на покривот кој целиот бил од дрво и никогаш не бил менуван. Ваквите балони кои летаат високо во воздухот се традиција во Бразил и неретко се причинители на пожари. Додал дека засега нема точни податоци за димензиите на уништувањето.

Пожарот, за кој причиние сé уште не се познати, избувнал во неделата вечерта, кусо пред музејскиот комплекс да биде затворен за посетителите. Четворицата службеници кои останале по затворањето успеале неповредени да побегнат пред огнената стихија.

Пожарникарите воделе битка со времете за да ги спасат вредните музејски експонати. Меѓутоа, очевидци велат дека минало доста време додека бил пронајден хидрант за вода во близината, како и дека доцнела интервенцијата на противпожарната служба.

„Никогаш ништо не сме добиле од владата. Неодомна го завршивме договорот со државната банка за развој BNDES за голема инвестиција, за да можеме конечено да ја реновираме палатата и, иронично, за да го поставиме новиот планиран систем за заштита од пожари“, изјави за телевизијата Globo, претседателот на оваа институција Луиш Диарте кој истакнува дека музејот со години бил занемаруван.