Бројот на загинатите во пожарот на Хаваите се зголеми на 80, додека уште стотина луѓе се водат како исчезнати, па се стравува дека бројот на жртвите ќе биде поголем.
На жителите на Лахаина вчера им беше дозволено на кратко да се вратат во своите домови, првпат по разорниот пожар, кој е најголемата природна катастрофа на Хаваите, јавува Би-Би-Си.
Властите им дозволија да се вратат во своите домови само на оние кои можат да докажат сопственост, но многумина ги напуштија своите домови без никакви документи или предмети.
Воведен е полициски час од 22:00 до 06:00 часот, а некои делови од градот се затворени за сите освен за спасувачите.
Областа на западниот дел на островот Мауи, каде што се наоѓа Лахаина, сѐ уште е без струја и вода, а спасувачите сѐ уште трагаат по жртви.