Расте бројката починати на дневно ниво во САД, но веројатно поради делта а не омикрон сојот

Бројот на хоспитализираните со Covid-19 во САД се зголемил за 33 отсто, а бројот на починатите од коронавирусната болест пораснал за околу 40 отсто во однос на една седмица претходно, изјави во средата директорката на Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC), Рошел Валенски, истакнувајќи дека наведените бројки веројатно се во пораст поради делта а не поради омикрон варијантата на коронавирусот.

Валенски за новинарите изјави дека очекува пикот на бројот на новозаразените порди позаразната омикрон варијанта да се случи следните седмици.

„Нивото на зголемувања најмногу е поврзано со омикрон варијантата, на којашто отпаѓаат околу 90 отсто од случаите на Covid-19 во земјата“, изјави на брифингот за медиумите директорката на американскиот CDC.

Бројот на хоспитализираните ковид-пациенти во САД е во раст од крајот на декември, а во меѓувреме позаразниот и помалку смртоносен омикрон сој стана доминантен.

Неодамнешниот раст на смртните случаи поврзани со Covid-19 веројатно е заостанат ефект на делта сојот, бидејќи бројот на случаите на зараза со делта сојот значително пораснал пред појавата на омикрон варијантата во декември, смета Валенски. Со делта и претходните соеви бројот на починатите се одрживал во однос на бројот на заразените со доцнење од неколку дена, додаде.

„Можеби ќе видиме смрти случаи од омикрон, но претпоставувам дека смртните исходи коишто сега ги гледаме сѐ уште се од делта“, рече Валенски додавајќи дека е потребно време за да се разбере омикрон сојот и неговото влијание врз вкупната смртност од Covid-19.