Расте бројот на активни ковид-случаи, СЗО тврди омикрон нема да биде последната варијанта на вирусот

Бројот на активни случаи на ковид во земјава изнесува 8.209, што е раст од над 1.300 случаи за само едно деноноќие. Во последните 24 часа направени се 7.472 тестирања, при што регистрирани се 1.725 нови случаи на КОВИД-19, починале две лица, а оздравени се 332 пациенти.

Како што информира Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје, од новорегистрираните случаи најмногу има во Скопје 1028, следат Битола – 148, Прилеп – 112 и Охрид – 61. Во текот на претходното деноноќие регистрирани се две починати лица: по едно од Скопје (66г) и Неготино (76г). Пријавените лица се починати во болнички услови.Досега во земјата се направени вкупно 1.633.936 тестирања на Ковид-19, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 230.265, бројот на оздравени пациенти е 214.054, а на починати е 8.002.Според надлежните, вакцинацијата против Ковид-19 останува единствен излез од пандемијата.

Од Здравствениот дом во Врање соопштија дека заклучно со 5 јануари, годинава, се дадени точно 116.548 дози од сите вакцини против коронавирусот. Од нив, на граѓаните на Северна Македонија 26.689 дози. Од сите четири типа достапни вакцини, убедливо најчесто давана е вакцината на кинески Синофарм – 72.098 дози, следи Фајзер со 35.275 дози, руски Спутник-В 8.243 и Астра Зенека во 932 случаи.

Коронавирусот забрзано се шири и во регионот и низ светот. Во Србија, бројот на нови случаи на дневна основа е над 9.000, а Ковид амбулантите повторно се преполни. Епидемиолозите предупредуваат дека во наредните денови може да се очекуваат голем број нови случаи.

Во Хрватска се регистрирани 9.058 нови случаи на инфекција со коронавирус, најмногу за еден ден од почетокот на пандемијата, а починале 33 лица. Во последните 24 часа биле тестирани 19.975 лица, а речиси половина биле позитивни на коронавирусот.

Белгија оваа недела го надмина врвот на инфекции постигнат во ноември 2020, овој пат поради сојот омикрон. Премиерот на Белгија, Александер Де Кро, вчера се обрати пред јавноста по последниот координативен состанок за мерките за борба против Ковид-19 и повика на солидарност со почитување на превентивните мерки и примена на трета доза вакцина.

Италија, пак, воведе задолжителна вакцинација против коронавирус за лица постари од 50 години во обид да го намали притисокот врз нејзиниот здравствен систем и да ги намали смртните случаи. Мерката стапува во сила веднаш и ќе важи најмалку до 15 јуни.

Во болниците во Велика Британија, бројот на пациенти со коронавирус е најголем од февруари лани, покажуваат најновите податоци, во услови на зголемен притисок врз здравствените услуги. Вкупно 17.276 луѓе се во британските болници поради Ковид-19, што претставува зголемување од 58 отсто од недела во недела и највисоко од 19 февруари.

Воедно, британската влада соопшти дека правилата за тестирање на Ковид ќе бидат ублажени за луѓето кои патуваат во Англија. Така, целосно вакцинираните патници кои од денеска, пристигнуваат во Англија повеќе нема да мора да прават тест за Ковид пред да патуваат, а од недела, наместо да прават ПЦР тест на вториот ден од пристигнувањето, ќе можат да направат брз тест, кој е поевтин. Оваа одлука ја потврди и британскиот премиер Борис Џонсон, по апелот на туристичките агенции и нивните тврдења дека мерките повеќе не се ефективни поради забрзаното ширење на сојот Омикрон.

Германија регистрира 64.340 нови случаи на инфекција со коронавирус во последните 24 часа, објави Институтот за заразни болести „Роберт Кох“. Вкупниот број потврдени случаи на инфекција со вирусот во Германија достигна 7.361.660, а на починати од Ковид достигна 113.368 лица.

Лидерите на Светската здравствена организација (СЗО) изјавија дека високо заразниот сој омикрон на коронавирусот создава помалку опасен тек на Ковид-19 од глобално доминантниот делта сој, но не треба да се карактеризира како „благ“, бидејќи негативните рекорди паѓаат низ целиот свет, здравствените системи се поплавени и владите се обидуваат да го „скротат“ вирусот, што досега уби повеќе од 5,8 милиони луѓе.

Техничкиот директор на СЗО, Марија ван Керхове предупреди дека омикрон нема да биде последната варијанта на Ковид-19.

-За жал, омикрон нема да биде последната варијанта, вирусот продолжува да се развива, нагласи Керхове.

Во својот неделен извештај, СЗО соопшти дека бројот на случаи во неделата до 2 јануари скокнал за 71 отсто во споредба со претходната недела, на 9,5 милиони, додека стапката на смртност паднала за 10 отсто на 41.000.