Порастот на бројот на спорови во меѓународна арбитража варира со текот на годините, но е регистрирано значајно зголемување на бројот на поднесени предмети во последните неколку години на светско ниво. Ова особено важи за рударскиот сектор, бидејќи над третина од тужбите во изминативе години се покренати токму од рударски компании. Најголемиот дел од тужбите се меѓу инвеститорите и државата.
Додека активностите за пронаѓање нафта и гас опаѓа, рударскиот сектор експоненцијално расте. Бакар, кобалт, литиум, силициум и цинк се дел од минералите кои се од суштинско значење за зелената транзиција. За нив расте побарувачката поради нивната употреба во технологијата на производство, а тоа резултира со зголемен број на барања за дозволи за експлоатација на минерали. Сепак, главната причина за покренувањето на тужбите се политичките и правните нестабилности во регионите богати со руда, за кои сега има најголема побарувачка.
Во светски рамки, еден од поголемите случаи од минатата година е арбитражната постапка која ја покрена рударската компанија со австралиски капитал „Гренланд Лимитед Минералс“ против Гренланд, односно регионот кој е под јурисдикција на Данска. Инвеститорот во 2010-тата година добива дозвола за експлоатација на минерални суровини во Кванефјелд, кое е второто најголемо наоѓалиште во светот на ретки оксиди и шестото најголемо наоѓалиште на ураниум. Дозволата за експлоатација е издадена од локалните власти во Гренланд.
Во 2015-тата година пак, компанијата поднесува барање за дозвола за ископ до владата на Гренланд. Но, рударството станува значајно прашање на изборите во Гренланд во 2021 година. Новата владина коалиција издава национална забрана за ископување ураниум, која всушност го блокира развојот на рудникот. Па така, компанија нема гаранција дека дозволата за ископ ќе им биде издадена и поради правната несигурност покренува меѓународна арбитража против Гренланд и Данска. Од „Гренланд Лимитед Минералс“ информираа дека инвестирале над 130 милиони долари во проектот Кванефјелд и бараат отштета, а проектот поминал низ ригорозна проценка на животната средина и останува клучен извор на технолошките метали што ќе бидат потребни за транзиција кон зелена енергија. Од Владата на Гренланд пак одговорија дека „со покренувањето арбитража, Гренланд Минералс избра да не ја почитува волјата на народот“.
Случајот со меѓународната тужба на инвеститорот против Гренланд и Данска е само една од вкупно 40-те покренати минатата година од областа на рударството.
Против Македонија пак, активни се три меѓународни арбитражи кои се однесуваат на рударски проекти. Меѓу нив, е постапката покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во општина Валандово. Арбитражна постапка покрена и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за нефер и третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк ‘Саса’ од Македонска Каменица во 2004 година. Арбитражна постапка беше покрената и од индиските државјани Гокул Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година.
Сепак, државата се соочува со нова најава за меѓународна арбитража. Последно предупредување до Владата пристигнало и од компанијата „Еуромакс ресоурсес“ за рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Неодамна од компанијата истакнаа дека доколку правдата не биде задоволена кај нас и тие ќе покренат спор во меѓународна арбитража.
„Доколку увидиме дека по прашањето на нашата инвестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставна загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати“, соопштија претходно од Еуромакс Ресоурсес.
Во пресрет на најавеното ревидирање на Владата на одлуката за спојување на концесиите од компанијата побараа да се почитува владеењето на правото и да се извршат „правосилните Пресуди на Управниот суд: У-6.бр.575/2019 од 31.03.2020 година и У-6.бр.131/2023 година и Решението на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.195/2022 од 09.02.2023 година, после кои донесена е и правосилната Пресуда на Управниот суд У-6.бр.131/2023 година за поништување на Одлуката на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина“. Според компанијата, постапката за спојување на концесиите може да продолжи, за што не постојат правни и фактички пречки.