Расте бројот на жртви во пожарите во Лос Анџелес – 11 загинати и над 300 000 евакуирани лица

Најмалку 11 лица загинаа во пожарите кои зафатија делови од Лос Анџелес и изгореа повеќе од 150 квадратни километри, а повеќе од 300.000 луѓе се евакуирани, објави CBS.

Пет од нив настрадале во пожарот во Палисадес, а другите шест во пожарот во Итон, јавува Би-Би-Си.

Смртните случаи се случиле во Алтадена, Малибу, Пацифик Палисадес и Топанга, додека човечки останки се потврдени само во три случаи.

Најмалку 12.000 згради се оштетени или уништени, објави Лос Анџелес Тајмс. Извори за спроведување на законот изјавија за Тајмс дека повеќе помали пожари најверојатно се подметнати.

Повеќе од 5.600 ученици останаа без своите училишта, бидејќи најмалку 12 институции се уништени во пожарите.

Комесарот за осигурување во Калифорнија издаде мораториум за откажување или необновување на полисите за осигурување за сопствениците на куќи погодени од пожарите.

Таа забрана ќе важи една година за жителите во областите погодени од пожарите Палисејдс и Итон.

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом го повика новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја посети Калифорнија и да не ги „политизира“ катастрофалните пожари што го зафатија Лос Анџелес. Тој го покани да му се придружи и „од прва рака да ги види последиците од уништувањето“.

Филмската компанија „Волт Дизни“, соопшти дека ќе донира 15 милиони долари помош за настраданито од катастрафалните пожари во Лос Анџелес и за обнова на локалната инфраструктура.

Вкупната штета и економската загуба што се припишува на пожарите во областа на Лос Анџелес се проценува на меѓу 135 и 150 милијарди долари.