Бројот на убиени во денешниот терористички напад во Анкара се искачи на пет лица, соопшти турскиот министер за внатрешни работи.
Уште 22 лица се повредени, а двајца се во критична состојба, изјави Али Јерликаја.
Повторувајќи го мислењето на неговиот колега член на владата Јасар Ѓулер, министерот Јерликаја рече дека сторителите кои стојат зад денешниот напад, маж и жена, најверојатно се членови на курдската милитантна терористичка група ПКК. Тие се убиени од полицијата.
Сепак, се чека потврда бидејќи властите сакаат да ги идентификуваат напаѓачите.
Ниту една група не презеде одговорност за нападот.
Турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз изјави дека меѓу загинатите има и еден таксист. Локалните извештаи претходно сугерираа дека такси возилото застанало пред зградата на ТУСАШ во Анкара со напаѓачите пред да го активираат експлозивот и да почнат да пукаат. Полицијата го одзела автомобилот со кој терористите пристигнале на местото на нападот.
Министерот за одбрана Јасар Ѓулер, исто така, зборуваше за веројатната одговорност на ПКК: „Како што прават секогаш, тие се обидоа да го нарушат мирот на нашата нација со извршување на одвратен нечесен напад. Ние секогаш ги казнуваме тие криминалци на ПКК како што заслужуваат. Нема да се откажеме од прогонството додека не се елиминира последниот терорист.
Сѐ уште не е познато кој е официјално одговорен за нападот. Но, денешниот напад дојде во време на дебата во Турција за рестартирање на мировните преговори со ПКК – курдската бунтовничка група, која е забранета како терористичка организација во Турција, САД и Велика Британија. Тоа, исто така, доаѓа еден ден откако владиниот сојузник Девлет Бахчели рече дека водачот на ПКК Абдула Оџалан треба да објави „укинување“ на забранетата група во парламентот, што би значело негово ослободување од затвор, јавува Би-Би-Си.
Граѓаните се жалат дека имаат потешкотии да ги користат социјалните мрежи како Јутјуб, Инстаграм, Фејсбук и Икс, како и дека интернетот е блокиран.
По нападот, на социјалните мрежи почнаа да се шират снимки и фотографија од еден од терористите кои го извршија нападот. Неколку вооружени напаѓачи се обиделе да упаднат во просториите и потоа почнала престрелката.
Турската НТВ јавува дека напаѓачите со такси пристигнале на влезот во моментот кога се менувало обезбедувањето. Еден напаѓач ја активирал бомбата, а другите влегле внатре.
ТУСАШ е фабриката која, меѓу другото, го произведува и првиот турски борбен авион KAAN, но и цивилни авиони, беспилотни летала и други одбранбени и индустриски системи. Оваа фабрика, исто така, е овластена и за производство на борбените авиони Ф16, дизајнирани во САД. Исто така, се занимава и со модернизација на старите авиони на турската војска.