Расте бројот на фирми во Македонија

Се зголемува бројот на фирми во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на активни деловни субјекти на крајот на 2016 година изнесувал 71.519, односно за 1,9% повеќе во однос на претходната година, пишува Лидер.

Повеќе компании имало во преработувачката индустрија, градежништвото, во стручните, научни и технички дејности. Најголем број фирми се занимаваат со трговија на големо и мало, а и преработувачката индустрија како сектор брои многу деловни субјекти.

79,3% од компаниите во Македонија се фирми со 1 до 9 вработени. Само 0,3% се големи фирми со над 250 вработени.

kompanii

Има слободни работни места!

Државниот завод за статистика објави дека во последниот квартал од минатата  година, стапката на слободни работни места изнесувала 1,32 процента. Стапката на слободни работни места е највисока во секторот „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“.

Според последните податоци на Заводот, во фирмите со до 9 вработени (микропретпријатија) има 1.354 слободни работни места, а 88.547 се пополнети. Во малите фирми до 49 вработени има 1.978 слободни работни места, а 106.871 се пополнети. Кај средните компании (од 50 до 249 вработени) има 1.532 слободни работни места и 134.392 пополнети. Кај големите компании, пак, односно кај оние фирми со над 250 вработени, има 1.606 слободни работни места, а 153.219 се пополнети.

Активни мерки за нови работни места

Оперативниот план за годинава предвидува отворање на 10 илјади нови работни места. Содржи 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на трудот, а се очекува со нив да бидат опфатени вкупно 41 илјада луѓе.

-Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, вели директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Програмите за самовработување, за поддршка на претприемништвото, финансиската поддршка за раст на микро и мали претпријатија за создавање нови работни места, програма за условен паричен надоместок, проектот „Македонија вработува 2“, поддршка за брзорастечки фирми – газели се само дел од она што го содржи Оперативниот план и од кои се очекува стимулирање на приватниот сектор и отворање нови работни места.

-Во фокусот на новата влада треба да бидат домашните компании, инвестирањето во нивниот развој како генератори на економскиот пораст на националната економија. Потребно е да се овозможи функционален систем за справување со сивата економија, од каде што нема придонес во буџетот преку плаќање даноци и придонеси, вели претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.

-Активно сме вклучени во мерката за самовработување, односно за невработени кои самостојно започнуваат сопствен бизнис. Една од најуспешните мерки е „Македонија вработува 2“ преку ослободување на плаќање придонеси, истакна Елена Љамова која е корисник на услугите од Оперативниот план.

-Досега се отворени над 43.000 нови работни места, односно се креирани над 43 илјади вработувања преку активните мерки за вработување на Агенцијата кои се спроведуваат од 2007 година, вели Слободанка Алексовска од Центарот за вработување на Скопје.

Лесно е да се почне сопствен бизнис

Во Македонија е лесно да се почне и да се прави бизнис. Тоа го потврди и Светска банка во својот последен „Дуинг бизнис“ извештај за 2017 година. Земјава се најде на 10 место во светот, петта во Европа.

Мислам дека Македонија постигна одлични резултати поради намалувањето на бирократските пречки при почнување со бизнис. Глобалниот рејтинг на Македонија е на 4. место од 190 држави во светот. Стопанственик ако ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично, објасни Валентина Салтане од Светската банка.

Потребен е олеснет пристап до финансии

Главен проблем останува обезбедување пари за финансирање и за одржливост на бизнисот. Во таа насока, охрабрува веста дека македонските компании и годинава ќе користат од поволните кредити на Европската инвестициска банка со субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти.

Во 2017-та и 2018-та е планирано да се репласираат нешто повеќе од 50 милиони евра, што претставува значајна финансиска инјекција.

-Овој проект помогна да се ублажат последиците од светската економска и должничка криза во Европа врз македонските компании, помогна да ги развиваат своите капацитети и да отворат нови работни места, истакна Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.

Овие средства кои ни станаа достапни во екот на должничката криза помогнаа да се преброди турболентниот период. Во стопанството се вбризгаа 350 милиони евра, се подржаа над 1.700 проекти, се отворија околу 7 илјади работни места.