Расте притисокот врз германската влада, кои сега не доаѓаат од опозицијата туку и од европските партнери, поради недостигот од гас да го продолжи работењето на преостанатите три нуклеарни централи, како и во погон да ги врати дополнителните централи кои неодамна ја запреа работата, пишуваат во петокот германските медиуми.
„Од германската влада се бара продолжување на работата на нуклеарните централи и тоа го бара не само опозициската демохристијанска Унија CDU/CSU, туку и неколку партнери од Европската унија“, пренесува германската службена новинска агенција DPA повикувајќи се на извори од Европската комисија.
Во прв ред источните членки на ЕУ, како Унгарија, Романија, Словачка но и соседната Франција, од германската влада бараат поради критичната ситуација со природниот гас да ја продолжи работата на германските нуклеарни централи. Во Германија, инаку, сѐ уште 15 отсто од електричната енергија се одбива од централите кои работат на гас.
„Доколку Германија сака да го заштеди гасот, нека ја продолжи работата на своите преостанати три нуклеарни централи или уште подобро: повторно нека ги стави во функција трите централи кои ги исклучи минатата година“, изјави словачкиот министер за економија, Рихард Сулик.
Според неговите информации, со работењето на шесте германски нуклеарни централи би се заштедиле 15 милијарди кубни метри гас, што е половина од количеството кое ЕУ сака да го заштеди според штотуку постигнатиот договор.
Слично размислува и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ја критикуваше Европската комисија затоа што одбива да ја принуди Германија во функција повторно да ги стави своите нуклеарни централи.
Во Германија во функција сѐ уште се три нуклеарни централи, коишто според постојниот закон донесен во мандатот на поранешната канцеларка Ангела Меркел и по катастрофата на јапонската нуклеарна централа „Фукушима Даучи“, најдоцна до крајот на годинава би требало да ја запрат работата. Стручњаците сметаат и дека трите нуклеарки кои веќе престанаа со работа минатата 2021 година може без проблеми повторно да бидат приклучени на мрежата во рок од неколку седмици.
„Не зборуваме за години, туку за седмици. Сите згаснати блокови се технички во совршена состојба“, вели за дневниот весник Bild, шефот на Сојузното биро за техничка исправност, Јоаким Бухлер.
Во коалициската социјалдемократско-зелено-либерална влада, во прв ред партијата Зелени жестоко се спротиставува на продолжувањето или повторно пуштање во работа на нуклеарните централи. Како компромис се споменува продолжување на работата на централите, додека не биде потрошено нуклеарното гориво во резерви. Тоа за работа на постојните централи би можело да трае до мај следната година. Зелените целосно исклучуваат набавка на ново гориво за нуклеарните централи. Покрај тоа, се напомнува дека новото гориво би било достапно дури од пролетта следната година.
Министерот за економија и енергетика Роберт Хабек, кој доаѓа од редовите на Зелените, смета како и членовите на владата од социјалдемократите, дека продолжувањето на работата на нуклеарките би придонело за заштеда од само 0,7 отсто од гасот. Нуклеарните централи коишто сѐ уште се во погон, произведуваат околу 6 отсто од електричната енергија за германските потреби, тврди Хабек.
Европската комисија истакна дека нема да се меша во судирот околу германските нуклеарни централи, укажувајќи дека дел од поедини енергенси во вкупната потрошувачка е „работа на земјите членки“.