Расте продажбата на недвижности. Според анализите на консултантската агенција за недвижности „Фортон Македонија“, во првата половина од годинава е регистрирана зголемена активност во сите сегменти. Бројот на продажби во делот на становите пораснал за 30,5 проценти во однос на втората половина од минатата година.
Зголемувањето на продажбата на недвижности се должи на тоа што годинава цените се на најниското ниво во последните 10 години, а банките значително ги намалија каматните стапки на депозитите, со што станува сè поатрактивно да се инвестира во станови.
Просечната цена, според истражувањето на Фортон, се позиционирала на 979 евра за квадратен метар. Купувачите при носењето на одлуката за новото живеалиште во прв ред се водат од цената, а дури потоа во игра влегуваат локацијата, функционалноста на станот и квалитетот на градбата, пренесува Лидер.
Нашите очекувања се дека цените на пазарот на резиденцијалниот простор ќе останат стабилни и во претстојниот период. Се очекува банките дополнително да ја зголемат конкуренцијата на пазарот на станбени кредити со понудата на ниски каматни стапки. До крајот на 2016-та година очекуваме на пазарот да се испорачаат 4.392 нови станбени единици. Поголемиот дел, речиси 70 отсто од новата понуда ќе биде во општина Аеродром, општина Карпош и во општина Центар”, оценува генералниот директор на „Фортон Македонија, Влатко Богоевски.
Расте продажбата на недвижности – позитивни резултати за градежните компании
Градежните компании бележат позитивни резултати од работењето. Расте продажбата на недвижности, а со тоа се зголемуваат реализираните трансакции. Бројот на непродадените станови, според анализата се намалил на ниво од 36 проценти. Според „Фортон Македонија“ за дополнително намалување на цената на становите е потребно да се зголеми конкуренцијата меѓу градежните компании.
Во секторот на недвижностите недостасуваат странски инвеститори. Локалните се многу активни, но недостасуваат странки, порачува Богоевски.
Повластената стапка на ДДВ – то гарантира атрактивна цена
Градежниот сектор очекува со ова да продолжат позитивните трендови и да се задржат конкурентните цени на пазарот на недвижности. Посебно ако се земе во предвид дека повластената стапка на ДДВ од 5 проценти за изградба и за првиот промет на станови продолжува да важи и во наредните 3 години, до крајот на 2018-та година.
Ова претставува заеднички успех со Министерството за финансии. Градежните компании едногласно констатираа дека оваа мерка за продолжување на повластената стапка од 5% и во наредните 3 години ќе придонесе за стабилен раст во овој сектор. Не се работи само за градежните компании, бијдеќи градежништвото е поврзано со уште 26 други гранки, кои растат заедно со градежништвото, објаснува претседателот на градежната комора при ССК, Роберт Хот.
Предлогот на Владата треба да ја помине собраниската процедура до крајот на месецов.
Владата излегува во пресрет на барањето на Градежната комора
Ставрески очекува предлог измените на Законот за ДДВ, што се во собраниска процедура, да бидат изгласани до крајот на месецов. Со нив, како што рече, Владата излегува во пресрет на барањето на Градежната комора со цел да се поттикне натамошната изградба на становите.
– Владата имаше слух за тоа барање и дадовме предлог за три години, значи до крајот на 2018 година, изградбата на становите и првиот промет на становите да биде со повластена даночна стапка од 5 проценти што ќе овозможи понатаму градежна експанзија во делот на станбената изградба и ќе ја одржи цената на становите која што со поддршка на оваа мерка на Владата ќе може да биде пониска отколку што би била ако имаме данок од 18 проценти, изјави Ставрески при денешната посета на Сојузот на стопанските комори на Македонија, пренесува МИА.
Како што појасни Ставрески, владината мерка е од крајот на 2009 година и резултираше со значително зголемување на изградбата на станови во Македонија.
– Ако пред донесувањето на оваа мерка имавме околу 600 до 700 стана годишно што се градеа во државата сега меѓу 1.700 и 1.800 станбени единици се градат годишно. Вториот бенефит од оваа мерка што исто така во меѓувреме влијаеше се разбира и со други мерки што се преземаа за поддршка на градежните компании за намалување на просечната цена на становите. Ако пред неколку години таа во Скопје изнесуваше 950 евра по метар квадратен денеска е 850 евра по метар квадратен, а во внатрешноста на РМ, во помалите градови, за 100 евра се пониски овие цени, рече Ставрески.
Владата помага и со проектот „Купи куќа, купи стан“
Како што потенцира министерот за финансии, на страна на побарувачката, Владата помага со проектот „Купи куќа купи стан“, каде дава субвенции за лицата кои ќе се решат да стекнат сопствен дом.
– Со 3,8 милиони евра досега субвенции од Владата дадени се станбени кредити во износ од 20 милиони евра, што овозможи 620 семејства да го решат станбеното прашање. Остануваме отворени за соработка со Градежната комора и со Сојузот на стопански комори со цел да овозможиме добри услови за градежните компании и да дадеме поддршка во делот што зависи од Владата, најави Ставрески.
Понуда на недвижности по ексклузивни цени на следниот линк.