Растот на индиско-руската трговска размена не е привремен феномен, порача индиски министер

Зголемувањето на трговијата меѓу Индија и Русија не треба да се гледа како привремен феномен, бидејќи се појавуваат сѐ повеќе и повеќе нови економски можности, рече во петокот индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар.

Индија и Русија имаат блиски односи со децении. Њу Делхи одби да ја осуди Москва за нејзинат инвазија во Украина, повикувајќи ги двете страни да го прекинат конфликтот и да се свртат кон дијалог и дипломатија.

Индија се наметна како еден од најголемите купувачи на руската нафта по морски пат откако западните земји воведоа санкции и го прекинаа купувањето како одговор на војната.

„Долго гледавме на Русија од политичка или безбедносна перспектива. Како што земјата се врти кон истокот, се отвораат нови економски можности. Подемот во нашата трговија и новите области на соработка не треба да се гледаат како привремен феномен“, рече Џаишанкар.

Трговската размена меѓу Индија и Русија изнесуваше 65,7 милијарди долари во финансиската година што завршува во март 2024 година, што е скок од 33 отсто во однос на претходната година.

Њу Делхи се обидува да постигне напредок во договорот за инвестиции со Русија и да склучи договор за слободна трговија со руската Евроазиска економска унија. Двете земји разговараат и за заедничко производство на воена опрема, а во меѓусебните плаќања сѐ почесто ги користат националните валути.