Растот на трошоците за живот загрижува 9 од 10 жители на ЕУ

Актуелниот раст на трошоците за живот загрижува девет од десет жители во Европската унија, а веќе е погодена половината од населението во блокот, покажува истражувањето спроведено по нарачка на Европскиот парламент.

Дури 93 отсто од испитаниците рекле дека се загрижени поради растот на трошоците за живот, со тоа што 46 проценти рекле дека нивниот животен стандард веќе е намален а 39 отсто очекуваат дека со тоа ќе бидат погодени во скора иднина.

Вкупно 45 отсто од испитаниците рекле дека во моментов имаа некакви или, пак, големи тешкотии во животот со приходите во своите домаќинства.

Во декември инфлацијата во еврозоната изнесуваше 9,2 отсто, според Eurostat, статистичката агенција на Европската унија.

Други големи проблеми за граѓаните во ЕУ се сиромаштијата и социјалната исклученост – 82 отсто, климатските промени – 81 отсто, ширење на војната во Украина – 81 отсто и ризикот од нуклеарен инцидент – 74 отсто.

Испитаниците, исто така, рекле дека главно се незадоволни од она што е преземено од страна на ЕУ и на нивните национални влади во решавањето на кризата. Вкупно 64 отсто рекле дека не се задоволни од одговорот на својата национална влада, а 56 отсто од мерките коишто се преземаат на ниво на целата ЕУ:

Од друга страна, пак, седум од десет анкетирани жители во ЕУ ја одобруваат финансиската, воена и финансиска поддршка што Унијата ѝ ја дава на Украина.

Резултатите од истражувањето се темелат на повеќе од 26.000 интервјуа спроведени во периодот од октомври и ноември во 27-те земји членки на Европската унија.