Актуелниот европски шампион и првак во СЕХА лига, Вардар е неприкосновен во регионалната лига со осум победи на исто толку средби сезонава и со серија од 14 натпревари по ред на кои триумфира.
Ваквата доминација секогаш се одразува и со избор на некој ракометар и, секако, и на тренер. Така вардаровиот тренер Раул Гонзалес и пивотменот Михајло Марсениќ се дел од „идеалниот тим“ во СЕХА лигата за изминатиот месец ноември.
Со најдобрите седум се и двајца ракометари на ППД Загреб, Жарко Марковиќ – (десен бек) и Стипе Мандалиниќ (лев бек), односно средниот бек на Нексе, Саша Баришиќ – Јаман, како и крилата Нико Медвед (Горење) и Бруно Буторац (Татран), а тимот го комплетира голманот на Целје, Алјаз Пањтар.
Во последниот месец од годината, во СЕХА лигата ќе се одиграат уште три кола, во кои ќе го проследиме и второто македонско дерби меѓу Вардар и Металург меч кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во сабота 9-ти декември.